Италијанската обвинителство за борба против мафијата и Државното обвинителство по завршувањето на сите истраги, побараа од италијанскиот суд да ги прекине истрагите за Саимир Тахири, поранешен министер за внатрешни работи на Албанија, бидејќи не постои негова вмешаност во каква било незаконска активност.
Ова лично го соопшти Тахири, по речиси шестмесечен молк, на денешната средба со новинарите.
Пред една година славејчињата и копилињата се здружија за да ме стават зад решетки, но јас избрав пред правдата да бидам обичен граѓанин, а не политичар, истакна Тахири.
Презентирајќи го јавно документот од италијанскиот суд, Тахири рече дека одлучен е да оди до крај за сопствената вистина дека нема никаква поврзаност со неговиот далечен роднина од семејството Хабилај и трговијата со дрога, во која тој е вмешан.
Сега, според него, втората битка е онаа со албанското Обвинителство, на кое, независно од тоа што ги добило сите потребни документи од Италија „потребно му е уште време за да ја расветли вистината“.
Доколку не се доволно седум обвинители ангажирајте 70 само завршете ја истрагата и кажете ја вистината, онака како што направи италијанското Обвинителство за борба против мафијата и италијанскиот суд, порача Тахири.
Тој посочи дека добро знае кој бил покрај него а кој против во тешките моменти, додавајќи дека тој не е Љуљзим Баша, кој „крадел и убивал заедно со Сали Бериша, а за тоа ниту бил под истрага, ниту на суд, ниту осуден“.
Од функцијата прв полицаец Тахири беше сменет во октомври минатата година поради обвинувањата дека е вмешан во трговија со дрога од Албанија во Италија.
„Скандалот“ изби со споменување на името на Тахири откако во Италија беше упасена групата на Моиси Хабилај, што тој категорично го отфрлаше тврдејќи дека станува збор за друго лице кое се споменува во прислушуваните разговори, а го користи неговиот идентитет.
На почетокот на мај годинава сам се откажа од пратеничкиот мандат за да, како што изјави, како обичен граѓанин се соочи со започната истрага против него за вмешаност во трговија со дрога.
– Денеска го враќам мојот пратенички мандат додека не се открие вистината. Како обичен граѓанин, со моето семејство, со моите пријатели и сите луѓе што ми веруваат, ќе се соочам со правдата на законот, како што ќе се соочам со кловновите во политиката. Во ниту еден миг нема да се откажам. Еве ме како обичен граѓанин. Ова не е мојот последен натпревар, тоа е прв. Јас сум Саимир Тахири и немам потреба од мандатот и имунитетот за да се соочам со кловновите во политиката денес и се додека имам сила, истакна Тахири кога се откажа од пратеничкиот мандат.
Парламентот, по барање на Јавното обивнителство, потоа донесе одлука за одземање на пасошот, но не и мандатот, по што Тахири се откажа од партијата и стана независен пратеник. Тој, како министер за внатрешни работи раководеше со акцијата, со која по долги години полицијата влезе во селото Лазарат, познато како фабрика за марихуана и уништи големи колични дрога и сите парцели засадени со марихуана.