Претседателката на партијата Алтернатива и пратеничка во Собранието на Косово Мимоза Кусари-Лила го смета како голем неуспех на законодавниот дом неизгласувањето на резолуцијата, предложена од опозицијата, за дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кусари-Лила ги повика сите партии во Собранието да седнат заедно и да постигнат консензус, затоа што, како што рече, „не може да се очекува нормализирање на односите со Србија доколку не се постигне нормализација на односите меѓу политичките партии во Косово“.

– Неуспехот да се изгласа оваа или било која друга резолуција во однос на дијалогот од страна на Собранието на Косово само го мандатира и натаму претседателот (Хашим) Тачи да продолжи да го прави тоа што го прави и што е штетно за државата, изјави Кусари-Лила.

Таа наведе дека, и доколку би се одржале избори и би се смениле односите во Собранието, сепак партиите треба да се обединат за дијалогот со Србија и да го спречат Тачи да се пазари со територијата на Косово.

Власта и опозицијата во косовското Собрание не успеаја да се усогласат за резолуцијата во која се нагласува дека Косово е суверена држава и нејзиниот територијален интегритет е недопрлив.

Со таа резолуција, која содржи само една точка, требаше да се забрани секому, вклучително претседателот на државата, да преговара за границите.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2018 18:59