Премиерот на Бугарија Бојко Борисов е домаќин на денешната четиристрана средба на врвот меѓу Бугарија, Грција, Романија и Србија во резиденцијата „Евксиноград“ крај Варна.

Премиерите на Бугарија, Грција и Романија Борисов, Алексис Ципрас и Виорика Данчила и претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе разговараат за развојот на заедничките инфраструктурни проекти во контекст на поврзување на Балканот. Гостин на Форумот е и премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху, кој од вчера престојува во Бугарија.

Фокусот на состанокот ќе биде и продлабочување на регионалната стабилност, како и актуелните европски прашања. Се очекува дека меѓу проектите што ќе се разгледуваат е и железничкиот коридор од медитеранските пристаништа на Грција преку бугарските Варна и Бургас во Црното Море до Русе на Дунав, а од таму ќе се разгранува во Белград и Букурешт.

Другите два клучни проекти, за кои веќе се согласија премиерите, се енергетски и вклучуваат изградба на гасоводни врски помеѓу Бугарија и Грција и изградба на терминал за течен гас.

Нетанјаху вчера соопшти дека денеска ќе се разговара и за вклучувањето на Бугарија во проектот за гасоводот „EASTMED“, во кој освен Израел и Грција се вклучени и Кипар и Италија.

– Четиристраната средба во „Евксиноград“ е поврзана со нашата желба Балканот да биде попросперитен и побрзо да се развива во сферите во кои Израел е предводник – високи технологии, изјави Борисов.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2018 20:18