Претседателот на Словенија, Борут Пахор, кој пред девет години го потпиша Договорот за арбитража на границата заедно со тогашната хрватска колешка, Јадранка Косор, денеска изрази уверување дека одлуката за границата од јуни 2017 година ќе биде имплементирана што побрзо, и покрај несогласувањето на Хрватска.
Постојаниот арбитражен суд во Хаг во јуни 2017 година пресуди во корист на Словенија во пограничниот спор меѓу двете земји околу Пиранскиот залив.
Пахор, кој го потпиша Арбитражниот договор со Косор на 4 ноември 2009 година, денеска на Твитер порача дека со тој документ е завршен периодот на инциденти, кој траеше 18 години, а во исто време ја засили економската соработка меѓу двете соседните земји.
Врз основа на Арбитражниот договор, Судот во Хаг ја дефинираше границата на 29 јуни 2017 година.
– Без оглед на различните мислења за неговата правичност и одбивањето на Хрватска, границите што беа воспоставени на тој начин ќе се применуваат порано или подоцна. Тогаш реков дека тој ден (денот на потпишувањето договор) е одличен ден, тоа го тврдам и сега, истакна Пахор.