На барање на премиерот Еди Рама, денеска во претседателската резидениција во Тирана, тој оствари средба со претседателот Илир Мета.
Средбата, која траеше час и половина, се случува ден откако Мета не го потпиша указот за нов министер за внатрешни работи да биде Сандер Леши, предлог на премиерот Рама.
Од кабинетот на Мета нема официјално соопштение.
– По сопствено барање, премиерот се сретна со Претседателот на Републиката, за да дискутираат околу содржината на неговото писмо околу предлогот за давање согласност за нов министер за внатрешни работи да биде генерал Сандер Леши. Средбата беше отворена и конструктивна и премиерот ќе ја продолжи комуникацијата со Претседателот, стои во кусото владино соопштение.
Претседателот Мета, преку портпаролот Теди Блуши, синоќа соопшти дека не се согласува со предлогот на Рама нов министер за внатрешни работи да биде Санадер Леши, бидејќи не е целосно убеден за да даде доверба за кандидатурата на Леши.
Овој чекор на претседателот не е во согласност со уставот на земјата, во кој е предвидено претседателот да наименува или разрешува министри по предлог на премиерот, но нема право барањето да го отфрли.
Ова е првпат претседател на државата да враќа назад предлог на име за министер, што експертите од областа на правото го сметаат за преседан.
По одлуката на Мета, премиерот и лидер на социјалистичката партија Еди Рама, преку СМС порака, побарал од пратениците од парламентарната група на партијата да не даваат никаков коментар околу одлуката на претседателот Мета.