Ракометарите на „Металург“ ја постигнаа првата победа во Лигата на шампиони по петте порази сезонава. Тимот од Автокоманда вечерва во Скопје славеше против „Чеховски Медведи“ со 25:24, иако на полувремето имаше високи 16:10.

За „Металург“ настапија новите три засилувања, Александар Шпенде, Миха Пучник и Гонзало Рибеиро, кои дојдоа по заминувањето на Халил Јагањац.

Домаќините во првите 30 минути го одиграа најдоброто полувреме сезонава, што беше пресудно за конениот резултат. Никола Даниловски имаше десет одбрани, а во нападот сите успеаја да искористат можност да дојдат до погодок.

„Металург“ успеваше да ја одржува предноста до средината на вториот дел и резултат 22:18, по што Русите полека почнаа да ја намалуваат предноста и да дојдат до еден гол разлика и напад за реми, но не ја искористија шансата.

Даниловски додаде уште шест одбрани во продолжението,а најдобар стрелец кај домаќините беше Димитриоски со пет гола. Токиќ, Шпенде и Серафимов додадоа по четири гола. Кај „Чеховски Медведи“ Маслеников даде седум гола.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2018 00:43