Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти не ги исклучува граѓанските протести против тоа што претседателот Хашим Тачи го најавува како „корекција на границата“, а зад што всушност се крие намерата за размена на територии со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Идејата за размена на територии е опасна за Косово и за регионот и таа идеја ѝ одговара единствено на Србија. Како таква, таа нема поддршка од ниедна политичка сила во земјата. Никој нема мандат да разговара со Србија на таа тема и секој кој што ќе го стори тоа ќе мора да одговара, изјави Хоти за зери.инфо, порталот на приштинскиот весник „Зери“.

Запрашан дали неговата партија смета и на протести како опција за спротивставување на идејата на Тачи,шефгот на пратеничката група на најголемата опозициска партија во Косово рече дека „сите демократски форми на спротивставување ќе се употребат за да се оневозможи поделбата на Косово“.

Тој додаде дека опозицијата не се откажала ниту од резолуцијата со која на Тачи и секому друг ќе се забрани да преговара за косовската територија.

– Ќе побараме повторно да биде на дневен ред (во Собранието) за гласање. Жално е што Алијанста за иднината на Косово (ААК на премиерот Рамуш Харадинај) и Социајлдемократската иницијатива (Нисма на вицепремиерот Фатмир Лимај) не се осмелуваат да гласаат за резолуцијата и да застанат отворено против таа намера на Тачи. На тој начин тие две партии стануваат соучеснички во оваа мошне опасна идеја за иднината на Косово, изјави Хоти.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2018 20:56