Во Штип за една година почнати и изградени се капитални проекти. По 30 години во Штип се гради детска градинка, а нејзиниот камен темелник е веќе ставен.
Градинката во населбата „Сењак" ќе згрижи 200 деца, со што двете детски градинки ќе немаат веќе листа на чекање. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски во отчетот за неговата работа во рок од една година посочи дека проектот се гради со пари од буџетот на Oпштината и од Бирото за рамномерен регионален развој.
– Детската градинка чини 800.000 евра, од кои 30 отсто од средствата се од Бирото за рамномерен регионален развој, а останатите 70 проценти од средствата со од општинскиот буџет. Во септември 2019 година ќе имаме современа детска градинка, со што Штип го решава проблемот со листите за чекање за прием на деца, посочи Бочвраски.
Тој во својот отчет посочи дека почнато е и да се решава проблемот со сообраќајниот хаос. Доизградена е платформата на коритото на реката Отиња, со што дополнително се добиени 40 паркинг места. Најави дека ќе се гради уште една платформа, над судската зграда во Штип.
Наведе дека со заштедите кои се направени во комуналното претпријатие „Исар" купени се две нови возила, а на почетокот на годината водата за пиење е намалена за пет отсто, на почетокот на 2019 година ќе има уште едно намалување на цената за пет отсто.
Истакна дека изградени се нови бунари во локалитетот од каде Штип пие вода за пиење. Почнат е и да се реализира и водоводната мрежа кон населбите Балканска и Чардаклија, со што овие две приградски населби ќе добиваат чиста вода за пиење од Филтер станицата. Во делот на изградбата на улиците, како што посочи Бочварски изградени се повеќе улици низ населбите, а исто така реконструирани се и тротоари во должина од четири километри.
Бочварски во својот отчет посочи дека Штип е третиот град во државата, што ќе биде гасифициран. Во тек е изработката на техничата документација, а очекува веќе напролет и да биде готова, со што може да се почне со изградба на 20 километри секундарна гасификациона мрежа.
Посочи дека во текот на оваа година Штип беше домаќин и на повеќе централни манифестации, а особена чест е што еврокомесарот Јоханес Хан го посети Штип и Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров", кој е изграден со европски пари.
Во делот на спортот Бочварски забележа дека почнато е проектирање на проектот за реконструкција на Градскиот стадион.
-Проектот предвидува изградба на две трибини, со 5.500 седишта, а во рамките на овој стадион ќе има и хотелски комплес. Проектирањето чини 800.000 денари, вели Бочварски.
Што се однесува до браната на реката Отиња, штипскиот градоначалник истакна дека во тек е комплентирање на документацијата, со што веќе наредната година ќе се знае колку ќе чини изградбата и како ќе се финансира овој капитален проект за Штип.