Амбасадорот на Велика Британија во Косово Руаири О’Конел изјави денеска дека, и покрај тоа што косовското Министерство за надворешни работи го тврди спротивното, сепак некои земји го повлекле признавањето на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

О’Конел, одговарајќи денеска на прашања на неговите следбеници на Фејсбук, напиша дека таквите дејствија не можат да се оправдаат.

– За жал, некои земји го повлекоа признавањето на Косово Не мислиме дека има некакво оправдување за таквите дејствија. Косово ги исполнува сите критериуми за да биде независна држава, ние го признавме Косово како независна и суверена држава, напиша британскиот дипломатски претставник.

Во одговорот на едно друго прашање, поврзано со зголемувањето на таксите за стоките кои се увезуваат од Србија, О’Конел порача дека сега е важно Косово и Србија да се фокусираат на поголеми работи, пред се на нормализацијата на меѓусебните односи.

– Воопшто, Косово треба да ги среди односите со своите соседи. Самиот факт дека зборуваме за такси ни кажува колку е важно Косово и Србија да ги нормализираат односите, напиша О’Конел.

Според него, „кога Косово и Србија ќе имаат нормални билатерални односи како две независни држави, тогаш работите ќе бидат многу полесни за двете страни“.

– Ние не би ни расправале за такви прашања. Сметам дека треба да продолжиме да се фокусираме на големите работи кои Косово ги бара. Да не заборавиме дека Косово сега се движи кон два големи процеси, оној за зачленување во Интерпол и плановите за трансформацијата на ФСК (Безбедносните сили на Косово), напиша О’Конел.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2018 13:22