Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача денеска дека, и покрај критиките од Европската унија, Владата нема да ја повлече одлуката за зголемување на таксите за увоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај денеска им изјави на новинарите дека одлуката е одговор на однесувањето на официјален Белград кон косовската државност.

– Не ја донесовме оваа одлука ниту со многу желба ниту со аргонација, ниту пак имаме некои пропагандистички намери. Ние сме на мака од Србија, со која сме и во дијалог, која е и кандидат за ЕУ и отвора поглавја. Таа јавно и практично им се заканува на семејствата во нашата земја, на припадниците на Безбедносните сили на Косово (ФСК), на Србите, но не само на Србите, изјави Харадинај.

Според косовскиот премиер, таквото однесување на Белград претставува криминал и тоа мора да се запре, а за таа цел не го исклучи ни дополнителното зголемување на таксите за увоз од Србија.

– Кога на тоа ќе ја додадеме и деструктивноста на меѓународен план на министерот за надворешни работи на Србија, како и други дејствија, ние бевме принудени да донесеме таква одлука, значи не е дека сакавме да го направиме тоа. Меѓутоа, тоа не е максимално дејство од наша страна, тоа е само првична мерка која може да расте, може да се преземат и други мерки и тие не се привремени. Додека тие не го сменат односот, и ние нема да ги смениме нашите ставови, рече Харадинај.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2018 16:29