Од 240 лекари кои дипломирале годинава, повеќе од 100 сакаат да ја напуштат земјата, тврди претседателот на Здружението на албански лекари,Фатмир Брахимај.

-Побараа потврди за нивно добро однесување, што е еден од документите што го бараат кога заминуваат во странство да се вработат или да специјализираат. Не знам како може да најдеме златен клуч да го запреме одливот на белите мантили, вели Брахимај.

Според него, албанските лекари се предводат од мотото „Диплома во Албанија, работа надвор од неа“ посебно откако почнаа да се признаваат дипломите во западно-европските земји.

Главната причина за тоа се ниските плати, споредено со оние каде што заминуваат, како и подобрите услови и поголемата професионалност.

И додека наште лекари заминуваат, нагласува Брахимај, во Албанија доаѓаат странци да се грижат за здравјето на албанските граѓани.

-Евидентрани се 35 странски лекари. Тие се главно Италијанци, Грци, Македонци, Турци и Сиријци, посочува тој.

Поради масовното заминување на здравствените работници албанската Влада најави мерки за намалување на оваа појава.

Министерката за здравство Оргета Манастирлиу изјави дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за зголемување за седум отсто на платите на лекарите и медицинските сестри и средства за подобрување на условите за работа.

Годишно од Албанија заминуваат по околу 150 лекари а само во Германија во последните неколку години вработени се 520 албански лекари. Што се однесува до медицнските сестри, нивното здружение деновиве соопшти дека за осум месеци од годинава земјата ја напуштиле околу три илјади.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2018 18:39