Климата што се создава во грчкото општество е дека Договорот од Преспа е во корист на земјата и покрај несогласувањата што постојат и ќе го добие потребното мнозинство во грчкиот Парламент, вели премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во интервју за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

– „Постои веројатност да не да помине? Ајде да се обложиме“, беше одговорот на грчкиот премиер на прашањето на новинарот во однос на тоа дали Договорот од Преспа ќе го добие потребното мнозинство за ратификација.

Ципрас објасни дека договорот е во корист на земјата и истакна дека доколку лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис би им дозволил на пратениците да гласаат, тогаш мнозинството би било уште поголемо.

– Договорот ќе помине поради една причина, затоа што и последниот граѓанин – ги почитувам чувствителноста, реакциите, несогласувањата – започнува да сфаќа дека и покрај тешкотиите и покрај проблемите, овој договор е во корист на земјата, ја надградува, ѝ дава динамика, а особено нашите сограѓани од Северна Грција, сфаќаат дека не може Македонија, Солун да стане економска престолнина на Балканот кога со грб е свртена кон соседите, рече грчкиот премиер во интервјуто за ТВ „Алфа“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2018 10:27