Официјален Брисел денеска тврди дека Белград и Приштина остануваат во контакт и покрај острите пораки на српскиот претседател Александар Вучиќ по вчерашната рунда преговори дека дијалогот нема да продолжи се додека Косово не ги повлече „противправните мерки“.
– Дискутираа за потребните чекори и одлучија да останат во постојан контакт за да го проценат исходот од средбата, изјави портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич.
Вучиќ по вчерашната рунда преговори изјави дека за да продолжи дијалогот, Приштина треба „барем“ да ги повлече новововедените царини од десет отсто на увозот на српски производи.
Брисел е согласен дека овие царини ги прекршуваат обврските преземени од страна на Приштина.
– Одлуката на косовската Влада ги прекршува обврските од ЦЕФТА и очекуваме Косово да ја повлече оваа мерка. Мерката ја поткопува регионалната соработка, изјави Коцијанчич.
Брисел уште еднаш побара од двете страни да создадат атмосфера во која ќе може да се одвива дијалогот и да се воздржат од зборови, дела и мерки спротивни на „духот на нормализацијата“.