Поранешниот капитен на Баерн Минхен, Оливер Кан, не верува дека Нико Ковач е подготвен да предводи тим од овој ранг. Вчера шампионите одиграа многу силно прво полувреме против Борусија Дортмунд, но во второто полувреме беа надиграни и на крајот загубија со 2:3 во „дер класикер“.
– Нико е млад тренер кој во Ајнтрахт Франкфурт имаше за задача да добива натпревари без разлика како игра неговиот тим. Но во Баерн тоа не е доволно само за да ги добиете трите бода, мора да го сторите тоа со добар фудбал. Во првиот дел од Дортмунд го видовме стариот Баерн. А во претходните натпревари бевме сведоци на статична игра која беше лесна за разоткривање од противниците и како целина изненадувањето не доаѓаше од никаде. Ова е така кога немате јасна идеја и план. Во исто време, тренерот на Борусија имаше идеја што да прави во дербито, изјави легендата.
Нико Ковач има 47 години, а тренер е 9 години. Пред Баерн и Ајнтрахт беше на чело на националните тимови на Хрватска – сениори и младинци, а во почетокот работеше во школата на Ред Бул (Салцбург).