Два нови контролни пункта, Деринија и Лефка-Аплики, првпат по осум години, се отворени денеска меѓу северниот и јужниот дел на Кипар.
Потегот го поздрави Елизабет Спехар, специјален претставник на ОН и шеф на мировните сили на ОН во Кипар.
„Денеска е добар ден за Кипар. Овие премини ќе играат важна улога во помошта да се зголемат контактите меѓу луѓето, со што ќе се придонесе за градење на толку потребната верба и доверба меѓу заедниците на островот”, се наведува во соопштението од нејзината канцеларија.
Грчките медиуми јавуваат дека десетици кипарски Грци, со насолзени очи, ја преминаа линијата на разграничување и се упатија кон селото Като Деринија кое е целосно напуштено откако потпадна под турскиот дел на Кипар. Сепак, тие не можеа да влезат во него, бидејќи местото се наоѓа во воена зона.
Како симболичен гест, кипарските Турци ги пречекаа кипарските Грци со маслинови граничиња. Од северниот дел на островот, исто така, има колона автомобили кои сакаат да го посетат грчкиот дел од островот. Пред отворањето на пунктот имаше и група демонстранти, кои сметаат дека тој претставува отстпка кон властите во Северен Кипар.
Помал интерес предизвика отворањето на другиот контролен пункт Лефка – Аплики.
Отворањето на двата контролни пункта беше договорено на средба на лидерите на кипарските Грци и Турци Никос Анастасиадис и Мустафа Акинџи, одржан кон крајот на октомври во Никозија.