Словенечкиот министер за одбрана Карл Ерјавец вети темелна истрага по жалбите дека словенечките војници, кои учествуваа во неодамнешната меѓународна вежба на НАТО во Норвешка, имале потешкотии поради несоодветни обувки, како ни дека ниту друг дел од нивната опрема не ги исполнил очекувањата.
– Поради забелешките на сметка на несоодветна опрема веќе побарав истрага, која треба да утврди дали тие критики се оправдани, изјави Ерјавец за љубљанско „Дело”.
На меѓународна воена вежба во Норвешка, спроведена со цел да се потврди интероперативноста на меѓународните сили во заедничка акција, учествуваа 232 војници од Словенија, но командантот на нивниот контингент на вежбата, потполковник Утрош Тринко изјави дека многу војници се пожалиле оти обувките не ги заштитиле од студот и влагата на норвешкиот терен и дека сите делови на облеката не ги исполниле очекувањата, поради што очекува одговор од Министерството.
– Тоа што го изјави потполковникот е точно и се надеваме дека работите нема да се потурнат под тепих, иако по секои избори ни ветуваат дека работите ќе се подобрат. Новите ракавици направени од варена волна се покажаа дека се добри, но имавме несоодветна чизми, кои не ги загреваат нозете откако ќе се на влажнат, моравме да ги лепиме со лош лепак, а проблемот со обувки во војската и не е нов, вели за „Дело“ неименуван војник по враќањето од вежбата.
Генералштабот на словенечката Армија потврди дека војниците имале многу проблеми со чизмите, кои беа користени во Норвешка, но, оти тие не добиле смрзнатини или плускавци, како што се случи пролетва при вежбаата за проверка на подготвеноста по стандардите на НАТО на полигонот Почек во Словенија.
Температурите во Норвешка, каде што се одржуваше теренскиот дел од вежбата на словенечките моторизирани единици, за време на нивниот претстој таму, се движеа од минус 23 до плус 7 степени, но, на ниту еден словенечки војник не му беше потребана медицинска помош, соопшти словенечката Армија.