Фотографиите објавени денеска претставуваат изолиран случај, но не го отсликуваат колективниот напор што ги промени условите за живот на поголемиот дел од згрижените во Центарот за грижа на деца со попреченост Лехена и не ја отсликуваат реалноста, соопштуваат од Министерство за труд, социјала и социјална солидарност на Грција, по повод објавениот текст во весникот „Етнос“ за условите во центарот, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството велат дека во 2015 го преземале конкретниот центар, кој „во свеста на грчката и меѓународната јавност, по низата прилози на ББЦ е запаметен како пеколот од Лехена “, а во кој се згрижени лица со сложени и тешки пречки во развојот. Од 2016 ги започнале напорите во соработка со Институтот за детско здравје и британската невладина организација „Лумос“, за подобрување на ситуацијата за 51 лице, од кои 36 биле неподвижни.

– Две и пол години подоцна, научниот тим успеа да ослободи 30 од 36 згрижени од условите на неподвижност. За останатите шест, научниот тим на 8 ноември предложи формирање специјални простории (soft room). Предлогот беше веднаш усвоен на 15 ноември од страна на УО на Центарот за социјална заштита на периферијата Западна Грција. Треба да се спомене дека поради нивната тешка попреченост, забрзувањето на процесот може да ги загрози нивните животи, соопштуваат од Министерство за труд, социјала и социјална солидарност на Грција.

Како што претходно објави МИА, грчкиот весник „Етнос“ денеска пишува за дел од судбините на децата во Центарот за грижа на деца со попреченост, за слепо девојче кое речиси 10 години живеело затворено во кафез, за две аутистични сестри кои живееле едната во кафез, другата врзана за кревет, за 10 деца со Даунов синдром кои не знаат да одат. Весникот детално пишува за помошта од групата за интервенции од грчкиот Центар за детско здравје кои се финансиски потпомогнати од невладината организација на британската новелистка Џоен Роулинг, авторка на серијалот книги „Хари Потер“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2018 17:36