Шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу синоќа изјавио дека Анкара не е во целост задоволна од нивото на соработка со Ријад за истрагата за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, поради што Турција би можела и формално да побара во истрагата да се вклучат и Обединети нации.

Чавашоглу по средбата со американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека Турција ги споделила најновите информации за убиството на Кашоги и го повтори ставот на Анкара дека мора да се дознае вистината кој го нарачал убиството на Кашоги во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул.

Помпео ја бранеше американската поддршка за Саудиска Арабија откако претседателот Доналд Трамп изјави дека Вашингтон останува сигурен партнер на Ријад и покрај убиството на Кашоги.

– САД имаат обврска да применуваат политика која ги зајакнува американските национални безбедносни интереси, посочи Помпео.

Но, тој не одговори дали американските разузнавачки служби имаат информација за тоа кој е нарачател на убиството на саудискиот новинар.

– Не можам да коментирам разузнавачки информации. Кога Америка ќе има информација која е потребна, таа ќе направи се за да ги заштити американските интереси и тоа го правиме секој пат, посочи Помпео.

Претходно Трамп изјави дека САД сакаат да останат „сигурен партнер“ на Саудиска Арабија и покрај тоа што, како што рече, дека саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман можеби знаел за планот за ликвидација на Кашоги.

Убиениот саудиски новинар живееше во САД и пишуваше за Вашингтон пост.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 11:19