Потпретседателот на Владата на Косово, Енвер Хоџај ја нарече пропаганда информацијата објавена во српските медиуми дека постои листа со имиња на високи српски претставници кои се непожелни во Косово и дека ќе бидат уапсени доколку се обидат да влезат во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Косовскиот вицепремиер изјави за порталот „Лајми“ (lajmi.net) дека е јасно оти се работи за реакција на Белград на одлуката на Владата во Приштина за зголемување на таксите за увоз од Србија за 100 отсто.
– Таков список не постои и тоа апсолутно не е вистина! Се работи за српска пропаганда во советски стил во однос на Косово. Тоа е пропаганда како реакција на нашата многу легитимна одлука за воведување такса од 100 отсто на производите кои се увезуваат од Србија, изјави Хоџај.
Весникот „Новости“ објави денеска список на српски официјални претставници, поаѓајќи од премиерката Ана Брнабиќ, потоа министри во нејзината влада, раководството и пратеници во Парламентот на Србија, до судии во Уставниот и во Врховниот суд, на кои им е забранет влезот во Косово. Според белградскиот весник, на косовските гранични органи им е наложено тие лица веднаш да ги уапсат доколку се обидат да влезат во Косово.