Лидерот на најголемата албанска опозициска партија, Демократската,Љуљзим Баша синоќа најави дека денеска ќе објави „шокантни факти за коруптивниот проект“ за изградба на големата обиколница во Тирана.
-Тоа е Владата на Еди Рама, ги држи нив како политички затвореници а ги ослободува криминалците. Утре ќе објавиме шокантни факти за тоа колку е голема оваа кражба. Апсењето и малтретирањето на 12-те граѓани кои беа уапсени тука не треба да останат надвор од од вниманието на медиумите, изјави синоќа Баша.
Тој ја критикуваше и државната јавна обвинителка Арта Марку бидејќи се уште не почнала истрага за овој случај. Таа, како што рече, е „заробена во канџите на корумпираната власт“.
Баша заедно со пратеници од обединетата опозиција и синоќа беше на протестот на жителите од населбата „Астир“, кои повеќе од 23 денови протестираат поради намерата на Владата да бидат урнати нивните домови заради изградба на обиколницата. Станува збор за 330 објекти во кои живеат над илјада лица.
Владата им нуди обештетување на сопствениците на легализираните објеки, додека за останатите подмирување на станарина во период од три години, со што тие не се согласуваат.
По најавата дека денеска посебна стручна комисија ќе почне проценка на објектите тие категорично од протестот порачаа дека „домовите ќе ги бранат со сопствената крв“.