Премиерот на Албанија Еди Рама по денешната заедничка седница на неговата и косовскaта влада во Пеќ, изјави дека таксата што Косово ја воведе за стоките од Србија е оправдана и го повика Белград „да застане со нозете на земја и да престане да му зарива на Косово ножеви од зад грб“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Рама нагласи дека продлабочувањето на соработката меѓу Косово и Албанија не треба никому да смета, а за воведувањето од страна на Косово на таксата од 100 отсто на стоки од Србија повтори дека е сосема оправдан одговор на Приштина на однесувањето на Белград.
– Ќе се навратам на моментот кој предизвика многу дебати, на воведувањето такса, за што ќе повторам дека не е економска мерка, туку е јасна политичка реакција и повик за Србија да се симне со нозете на земја и да сфати дека патот кон иднината не се гради со ножеви од зад грб. Напорите вложени од страна на Србија за спречување на Косово да се зачлени во Интерпол не можат никако да се оправдаат, бидејќи се работеше за обид за влез во еден глобален организам за борба против криминалот, рече Рама.
Албанскиот премиер апелира и до Брисел да го одржи ветувањето дадено на Косово за укинување на визите.
– Постојано велеа „потпишете ја демаркацијата со Црна Гора и ќе ги укинеме визите“. Приштина го направи тоа, а Брисел се уште не го исполнува ветеното. Нека не ни кажуваат приказни европските пријатели, додека во исто време се умилкуваат на Србија, рече Рама.
На заедничката прес конференција со Рамуш Харадинај, по потпишувањето на девет спогодби и протоколи меѓу двете влади, Рама рече дека денешната седница во Пеќ има посебно значење.
– Ова беше една седница со посебно значење и се чувствувам среќен што можам да нагласам дека ова е средба со најконкретниот резултат, бидејќи започнатите процеси се во фаза на материјализација, изјави албанскиот премиер.
Тој додаде дека меѓу Република Албанија и Република Косово нема да има тарифни бариери и ќе има една единствена царина.
– На граничните контролни точки ќе вреди само документот на Косово за нормално да се влезе и обратно. Ова е голем чекор, кој служи за пример и ние овој пример му го нудиме на целиот регион, рече Рама.