Договорот од Преспа, меѓу другото, го спомена премиерот на Грција, Алексис Ципрас, говорејќи за „големите области со историски карактер во кои грчката влада храбро чекори напред, паралелно со излезот на земјата од кризата“.

На почетокот од дводневниот состанок на Централниот комитет на СИРИЗА, грчкиот премиер во обраќањето пред неговите сопартијци, рече дека се горди на, како што рече, историскиот Договор од Преспа, но и решени дека ќе го финализираат.

-Тоа е првиот договор по распадот на обединета Југославија во кој целосно се поразени национализмите. Бидејќи преовладуваше чувството на солидарност, преовладуваше чувството на соработка, но и тежината на историската одговорност кон нашите народи. И сакам уште еднаш да кажам дека сме горди за овој историски чекор и сме решени да го финализираме и ќе го финализираме – рече Ципрас, нешто што изнуди аплаузи кај членовите на централниот комитет на СИРИЗА.

Во продолжение грчкиот премиер ги спомена и оние кои на радикален начин се против договорот меѓу двете земји.

– Радикалните гласови што се борат против овој договор и од двете страни на границата, ја потврдуваат правилноста на договорот и дека добро направивме. Бидејќи оние кои викаат, оние кои урлаат се оние кои што сакаат Балкан на омраза и конфликт – додаде грчкиот премиер и објасни дека ова не се однесува на оние кои имаат различни мислења и приговори, туку на оние екстремисти „кои сакаат Балкан на омраза, а не Балкан на соработка“.

Алексис Ципрас рече дека јавниот дијалог за Договорот од Преспа од опозицијата и од опозициските медиуми во Грција, „го отворија капакот на канта за отпадоци на историјата и на површина донесоа смрдеа и екстремни мрачни сили кои во Грција беа протагонисти само во периоди на големи национални трагедии и сили кои се хранат само од национализмот и поделбата“.

Говорејќи за мобилизацијата на учениците и опсадите во средните училишта, Ципрас ги повика учениците што учествуваа да ја проучат историјата на Грција, а наставниците да им помогнат во изучувањето.

Грчкиот премиер рече дека она што е важно за иднината на земјата е дали Грција ќе биде современа, отворена, модерна, прогресивна или ќе се врати 50 години назад и ќе биде мизерна, затворена и регресивна.

– Клучен фактор во оваа голема битка, како и во секоја голема битка е новата генерација. Многу сериозно прашање е тоа што нашите училишта и младите се заразуваат од отровот на фашизмот и радикалната десница. Секако не на степен како што го претставува радикално-десничарската пропаганда, но е постоечки и загрижувачки феномен – рече грчкиот премиер и додаде дека културата на левицата нема да ги одведе до тоа да го скараат 16 или 17 годишниот ученик и нема да ги идентификуваат со „криминалната неонацистичка банда“.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2018 03:06