Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти смета дека ако постои држава која не треба да има војска, тогаш таа држава е Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во порака до српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, кои предупредуваат на опасности од создавањeто војска на Косово, Хоти на неговата страница на Фејсбук напиша дека српската војска е одговорна за етничко чистење и геноцид во војните во поранешна Југославија.
– Доколку на некоја земја треба да ѝ се забрани да има војска, тогаш тоа е Србија. Вашата војска г. Вучиќ и г-ѓо Брнабиќ е компромитирана, бидејќи рацете се уште ѝ се крвави. Вашата војска е таа за која цел свет знае дека спроведе етничко чистење и геноцид, силуваше и убиваше жени и бебиња во Косово, Босна и насекаде, пишува шефот на пратениците на најголемата опозициска партија во Косово.
Тој бара од Србија да му се извини на Косово, на Босна и на другите за трагедиите што им ги предизвика.
За идната косовска војска Хоти вели дека ќе биде војска која ќе гарантира мир.
– Војската на Косово ќе биде војска која ќе гарантира и ќе генерира мир, која тежнее кон НАТО и мировните мисии насекаде низ светот. Ќе се гради и развива за да им помага на другите народи во цел свет, кои може да ги снајдат трагедии слични на оние што ги доживеавме ние од геноцидните фаланги на српската војска, порача Хоти.
Косовските власти најавија дека на 14 овој месец во Собранието на Косово ќе се изгласаат законите со кои сегашните Безбедносни сили (ФСК) практично ќе се трансформираат во војска на Косово.
Албанските политички субјекти, со поддршка и на другите несрпски партии, се решени да го истуркаат процесот за формирање на вооружени сили, и покрај несогласувањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и на повеќе членки на Алијансата.
Целосна поддршка за формирање војска, според косовските медиуми, Приштина има, меѓу другите, од Соединетите Американски Држави и од Велика Британија, додека некои од другите нејзини сојузници го поддржуваат процесот, но препорачуваат трансформацијата на ФСК да се одвива внимателно и по пат на уставни, а не законски измени.