Здружението „Срце за животните" од Кавадарци изготви предлог програма за решавање на проблемот со бездомните животни и ја испрати до кавадаречкиот градоначалник , информира претседателот Виолета Николова.

Програмата, како што појаснува, води кон решавање на проблемот и најважно, подигање на свеста кај граѓаните. Биле крајно незадоволни од досегашниот третман на бездомните кучиња. Масовни труења, заловувања и отстранувања на кучињата од улиците, посочува, без да се вратат вакцинирани и кастрирани на локациите каде за нив се грижат околните домаќинства, каде веќе има населено нови, млади исто така невакцинирани и продуктивно способни кучиња.

Општинските програми во тек на овој месец треба да бидат изготвени, одобрени од АХВ и усвоени на совет на ЗЕЛС.

– Од причина што ги имаме детектирано досегашните недостатоци на општинските програми, а воедно сме во тек со најуспешните практики на меѓународно ниво и препораките од Светската здравствена организација, во соработка со Анима Мунди и здруженијата членки на коалицијата „Заедно за животните”, изработивме и доставивме програма која може да се адаптира/надгради со спецификите на општината и која нуди сет мерки за системско, сеопфатно и хумано третирање на проблемот, вели Николова.

Според неа, мерките се усогласени со законодавството и нудат трајно, економски исплатливо делување кое ќе ја унапреди јавната безбедност и здравствената заштита на населението и ќе покаже успех во релативно кус рок. Пред се, ќе се стабилизира состојбата и ќе се воспостави контрола, а понатаму и ќе се надмине проблемот, под услов да се регулира и одговорното сопствеништво, т.е. спречи приловот на нови и нови единки на улица.

– Посочуваме дека оваа програма е за третман на бездомните животни и сите оние кои ќе се затекнат слободни на територија на општината (пуштени да лутаат од неодговорни сопственици) . Воедно апелираме до сите сопственици на домашни миленици да поведат грижа и одговорност и своите кучиња да не ги пуштаат сами на улица. Бидејќи неодговорните сопственици се причинител бр.1 за појава на нови бездомни кучиња, изјави Николова.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2018 13:13