Членовите на најтесното семејство, роднини, соработници, колеги, пријатели денеска се простија од ненадејно починатиот градоначалник на Охрид, проф. д-р. Јован Стојаноски. Големата сала на Оштина Охрид беше претесна да ги прими сите што дојдоа на Комеморативната седница свикана во знак на сеќавање на градоначалникот Стојаноски.

Од прерано починатиот Јован прв се збогуваше премиерот Зоран Заев, кој истакна дека ненадејната смрт на Стојаноски е загуба за академската заедница, за државата, за партијата СДСМ и за Општина Охрид.

-Низ годините зад нас Јован даде огромен придонес со своето посветено работење, остави траги и предизвикуваше почит што секогаш ќе се паметат. Тој беше колега, пријател и голем професионалец. Како градоначалник беше посветен на својата визија Охрид да биде вистинска европска, културна и туристичка престолнина. Беше препознаван како човек пријател, сограѓанин со топла и непосредна природа, отворен за разговор за секој личен проблем, за секоја иницијатива и предлог почитуваше и разбираше. Неговите постапки и однесувања со одмереност, ненаметливост и внимателност ги споделуваше со сите со кои соработуваше или се среќаваше. Тие вредности правеа од секој негов колега, соработник, пријател и од сите сограѓани во градот и пошироката заедница да му возвражаат на ист начин – со длабока почит, рече меѓу другото Заев.

Во име на Собранието на Република Македонија од Стојаноски се збогуваше пратеникот на СДСМ од Охрид, Томислав Тунтев.

-Секогаш сум подготвен да држам говори од говорница, но не за вакво нешто. Бавењето со политика знае да биде благородно и неблагородно, убаво и грдо, лесно и тешко, возвишено и разочарувачко, благодарно и неблагорадно, ценето и омаловажувачко. Но знам дека политиката ми даде добар, искрен и пожртвуван пријател, рече меѓу другото Тунтев кој пренесе и дел од неговите лични сеќавања за убавите мигови минати со Стојаноски.

Обраќања пред присутните на комеморацијата имаа уште и секретарот на општината, Игор Бежоски и претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска, кои пренесоа дел од она што сега починатиот Стојаноски планирал да го направи за градот за време на неговиот градоначалнички мандат.

Посебно емотивни беа обраќањата на синот Димитар и братот Стојмир кои покрај неизмерната болка за личната загуба се обидоа на јавноста да пренесат дел од огромната љубов што нивниот татко и брат ја имаше кон градот Охрид.

Комеморативната седница започна точно во 10 часот, а ја означија сирените од бродовите и пловилата на охридската флотила, во чест на починатиот градоначалник Стојаноски.

Инаку, претходно комеморативна седница се одржана и во Факултетот за туризам и угостителство каде Стојаноски го мина својот професионален животен ангажман како редовен професор

Посмртните останки на Јован Стојаноски од 12 до 14 часот ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид каде и ќе биде неговото вечно почивалиште.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2018 12:26