На 11 социјално загрозени семејства во Прилеп и во населените места денеска им се распределуваат пакети со прехранбени артикли од големата хуманирана акција насловена „Подај рака, биди човек“ што беше спроведена во пет големи маркети во градот од 10 до 13 декември. Акцијата ја спроведоа здружението „Епилепоскија Македонија“ и Црвениот крст со поддршка на прилепската локална самоуправа.
Според Деан Бунески, претседател на здружението „Епилепсија Македонија“ акцијата е успешна, прилепчани за три-четири дена се покажаа како хумани.
– Од продуктите кои ги ставаа граѓаните во кошниците поставени во пет големи маркети во Прилеп приготвивме 11 големи и 12 помали пакети. Тие, со помош на Центарот за социјални работи, денеска им се распределуваат на 11 социјално загрозени семејства во градот и во населените места. Помалите пакетчиња се за децата на тие семејства, вели Бунески.
За Живко Силјаноски, директор на Центарот за социјални работи, оваа мисија е поттик за хуманоста кај луѓето.
– Посебно е задоволството кога им се помага на луѓето, зашто за жал, имаме семејства на кои каков било вид помош им е неопходна, особено да ја почувствуваат радоста на овој месец и на празниците. Во Прилеп се околу 1.700 семејства корисници на правото на социјална парична помош. Се надевам дека нешто ќе се промени на подобро, особено со законските измени за од јануари да се зголеми социјалната парична помош. Но во секој случај, ваквите хуманитарни акции се повеќе од добредојдени, зашто говорат за хуманоста на луѓето, изјави Силјаноски.
Од Црвениот крст во Прилеп се вклучени четворица волонтери во прибирањето и денеска во доставувањето на прехранбените артикли и на пакетите собрани во хуманитарната акција.
– Задоволни сме од продуктите што беа собрани од нашите хумани сограѓани. Учествувавме во прибирањето, а сега и во доставувањето на пакетите до семејствата на кои им се непоходни, вели Катерина Божиноска, волонтер во „Црвен крст“ во Прилеп.