Почетната цена за користење такси превоз во Кочани ќе изнесува 50 денари, првиот изминат километар ќе биде бесплатен, а за секој нареден ќе се доплаќаат по 15 денари.
Советот на Општината ја утврди висината на надоместокот што ќе го плаќаат граѓаните кои ги користат услугите на такси превозниците, а одлуката ќе важи од почетокот на наредната година.
-Ослободувањето од плаќање за првиот изминат километар е по предлог од Здружението на лиценцирани авто-такси превозници, што индиректно претставува извесно намалување на почетната цена. Надоместокот за услугата ќе се наплаќа за превоз на територијата на општината, додека за возењето до друга општина или до Скопје и обратно стартот ќе се наплатува 10 денари, а за секој нареден километар цената се зголемува за уште толку, истакна Венцо Бојков од Одделението за јавни дејности.
Освен цената, со одлуката е утврдено дека максималниот број такси возила за кои можат да бидат издадени лиценци изнесува 160, а за користење на такси-станиците превозниците ќе плаќаат по 10.000 денари за секое возило за период од пет години.
Со носењето на оваа одлука се очекува конечно да започне да се применува обврската за користење на таксиметрите и за издавање фискални сметки, што според Здружението на такси-превозници треба да стави ред во дејноста и да се отстранат нелегалните таксисти.