Конференција за промоција на индексот за младински развој – Македонија, подготвен од Коалицијата Сега со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество ќе се одржи денеска во Скопје.

Индексот за младински развој во Македонија е нова и иновативна алатка за адресирање на потребите на младите на сите нивоа. Главна цел на овој индекс е зајакнување на младинската вклученост во локалните заедници и зголемување на влијанието на младинските организации кон граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво. Со цел да се добие целосен преглед на состојбите во сите општини во Република Македонија, со индексот се опфатени 49 општини и нивото на вклученост на младите во областите: образование, вработување и граѓанско учество, здравство и политичка вклученост. На оваа конференција ќе се промовира извештајот од мерењата од годинава.

Најавени се обраќања на директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски, посебниот советник на премиерот за евроатлантски интеграции, Бојан Маричиќ, директорката на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Ана Дракиќ и извршниот директор на Коалиција на младински организации Сега, Зоран Илиески.

Главната цел на проектот „Зајакнување на младинската вклученост во локалните заедници”, е да се зголеми влијанието на младинските организации кон граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво, со што ќе се придонесе кон подобрување на статусот и добросостојбата на младите луѓе во државата. Целта ќе биде постигната преку примена на иновативни алатки за детектирање на младински потреби, со фокус на граѓанско учество, зајакнување на знаењата и вештините на младинските организации за адресирање на актуелните потреби на младите луѓе со што ќе се подобри разбирањето за младинското учество во локалната заедница. Проектот се спроведува во соработка со Агенцијата за млади и спорт.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 10:03