Скопското јавно обвинителство поднесе обвинение против едно лице кое се товари за кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од Кривичниот законик.
Како што соопшти ЈОРМ, при извршен претрес кај обвинетиот, во посторија просторно поврзана со неговиот дом во Скопје, било утврдено дека тој кај себе држел огнено оружје кое им е забрането на граѓаните, односно автоматско огнено оружје – пушкомитралез „Degtyarev Type 56 RPD“ калибар 7,62X39мм. Пушкомитралезот бил пронајден и одземен од страна на овластени службени лица.
Во рамките на истражната постапка, по наредба на јавен обвинител била извршена анализа и вештачење на оружјето и бил испитан осомничениот.
-Ценејќи дека се уште постојат законските основи заради кои на осомниченото лице му беше определена мерка притвор, односно постои опасност од бегство доколку обвинетиот се брани од слобода, јавниот обвинител заедно со обвинителниот акт до судот достави и предлог за продолжување на мерката притвор, се наведува во соопштението.