Сите објекти на градинките во Карпош добија нови играчки изработени од еко – материјали. Старите и дотраени дидактички материјали се заменија со нови, со цел да се подобри престојот, грижата и социјализацијата на најмладите.

Новите играчки овозможуваат младите да учат преку игра и уште во детските установи да се подготват за основното образование.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека локалната самоуправа продолжува со секојдневното унапредување на детската заштита.

Новите играчки изработени од еко – материјали ќе придонесат за попријатен престој на најмладите во градинките, а притоа да бидат заштитени и безбедни при детската игра. Овие еко - играчки ја зголемуваат интеракцијата меѓу младите и ги развиваат нивните когнитивни вештини, да ги спознаваат работите и појавите, рече Богоев.

Градоначалникот им ги честиташе претстојните Новогодишни и Божиќни празници на најмладите, на воспитниот кадар во градинките кои навистина вложуваат во грижата и заштитата на децата.

Општина Карпош имаше прилично успешна година на полето на детската заштита. Се отвори и новиот објект на градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1, а во финална фаза е и отворањето на целосно новата градинка во Бардовци.

Примарната цел е да се создаде квалитетно и сеопфатно предучилишно образование кое навистина ќе ги подготви најмладите за следниот чекор – основното образование.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2018 12:40