Во СВР Велес со 3.600.000 денари направена е целосна реконструкција на кровот на зградата, комплетна промена на столаријата, комплетно фарбање на фасадата на зградата, а изградена е и пристапна рампа за инвалидизирани лица.

Како што информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за 18 месеци, МВР има целосно реконструирано 18 полициски станици, а за следната година најави уште 70 милиони денари за целосно реконструирање на сите полициски станици во земјава, со што, како што истакна, ќе се создадат еднакви услови за работа на сите полициски службеници. Годинава за оваа намена биле потрошени над 25 милиони денари.

,,Тоа значи дека целосно сме посветени на условите за работа на македонската полиција. Споредено со изминатите 11 години, реконструирани се 26 згради. Кога дојдов во МВР затекнав многу руинирани објекти и драго ми е што веќе имаме резултати, истакна министерот Спасовски.

На новинарско прашање за опремување на полициските службеници тој одговори дека сите 1.200 нови полицајци се целосно снабдени со нова опрема, а како што најави, во тек се постапките за набавка на нова опрема и на постарите полициски службеници.

,,Единицата за специјални задачи веќе доби комплетно нова опрема како и службениците од Одделот за обезбедување на лица и посебни објекти, воздухопловниот дел од МВР и еден дел од единиците на МВР. Задоволни сме од напредокот во насока на подобрување на условите за работа, истакна министерот Спасовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2018 18:55