Локалната самоуправа на Виница ги зголемува ставките во буџетот наменети за поддршка во работењето на спортските екипи и на граѓанските здруженија во 2019 година. Вкупната сума за оваа намена изнесува 3,2 милиони денари, што е за скоро една четвртина повеќе во однос на претходниот период.
-За развој и унапредување на спортските екипи догодина ќе потрошиме 1,7 милиони денари, од кои најголем дел ќе добијат фудбалскиот, ракометниот и кик-бокс клубот. Исто така, ќе ги помагаме и спортистите-поединци кои во изминатата година имаа шампионски резултати на меѓународни натпревари. Ги зголемуваме и средствата за поддршка на граѓанските здруженија и организации, па тие во наредната година ќе добијат вкупно 1,5 милион денари, истакна градоначалникот на Виница Ивица Димитров.
Освен за спортот и културата, зголемување на буџетските средства се планираат и за изработка на осум нови урбанистички планови во градот и во поголемите населени места во општината.
-Веќе аплициравме на повикот од Агенцијата за рурален развој и во 2019 година очекуваме детални урбанистички планови да добијат селата Трсино и Лаки. Освен тоа започната е постапка за донесување урбанистички планови за Блок 6 во Виница, за градските гробишта и за месноста Горица, со што ќе обезбедиме услови за изградба на станбени и стопански објекти, додаде Димитров.
Основниот буџет на Општина Виница за 2019 година е проектиран на 107 милиони денари, од кои две третини треба да се обезбедат од сопствени приходи, а остатокот е од меѓународни и домашни донации и грантови.