На аукцијата што ќе се одржи во холот на основното општинско училиште „Илинден“ од Крива Паланка, денеска ќе бидат изложени над двесте оригинални изработки, и тоа џиновски новогодишни честитки, елки, украси и декорации, изработени од рециклиран материјал. -Новогодишните празници се големи празници, кога треба да имаме голема елка, голем настан и се разбира големи желби, а каде би ги напишале големите желби ако не во големи џиновски честитки. Така се роди идејата за овој настан во кој учествуваа учениците и вработените во соработка со родителите. Од рециклирани материјали изработени се дваесет џиновски честитки и околу 150 мали честитки што се изложени на штафелаи и штандови во училишниот хол, рече наставникот Добри Јовевски. Рециклираниот материјал, како што посочи тој, го обезбедиле од локални општествено-одговорни компании што ја поддржале оваа активност и за целиот процес соработувале со тимот што ги водел активностите во училиштето. -Добро е и полезно да организираме почесто активности од овој вид во училиштето, бидејќи кај учениците се развива духот за претприемништво и начинот на прибирање средства кои би ги намениле за различни активности во зависност од потребите и идеите на ученичката заедница во нашето училиште, посочи директорката Марица Николовска. За одбележување на Новогодишните празници во училишниот хол учениците и наставниците изработија голема новогодишна елка со околу 400 пластични шишиња. Шишињата ги донесоа сите ученици, подеднакво давајќи придонес за одбележување на празниците. Настанот е отворен за јавноста, а најавено е присуство и на голем број претставници од јавни институции и компании што ќе учествуваат на аукцијата за да купат џиновска честитка што ќе ги краси нивните деловни простории.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2018 10:25