Со мнозинство од присутните граѓани, на втората форумска сесија за најприоритетен граѓаните на општина Берово го избраа проектот за асфалтирање на паркинг просторот кај детската градинка „23 Август”. Како што информираше модераторот на форумската сесија, Билјана Каламадевска, проектот е изгласан во вториот круг, откако во првиот ист број гласови добил и проектот за изградба на јавни санитарни јазли за туристи и граѓани. -Во општина Берово се одржа втората форумска сесија за буџетот на кој секоја работна група имаше можност преку свој претставник да каже зошто е важно да се избере предложениот проект. За двата проекти кои имаа ист број гласови од граѓаните, се гласаше повторно. Во рамки на второто гласање проектот за асфалтирање на паркинг просторот кај детската градинка „23 Август” беше избран како прироритет за 2019 година, рече Каламадевска. Форумскиот процес, како што истакна вториот модератор Билјана Марковска, е многу важен за подобрувањето на капацитетот на локалната самоуправа, која што преку овој процес ги спроведува своите одговорности. -Сметам дека и покрај бројните понудени проекти, произлезени од работните групи, граѓаните сепак докажаа дека најмногу се посветени на најмалите. Форумите се еден од начините да се подобрат капацитетите на локалната заедница за развивање проекти, за преговарање, за застапување на интересите на својата заедница и за градење на свеста и знаењето за општинскиот буџет. Особено се развива капацитетот за партнерство, бидејќи преку форумот се зближуваат институциите со другите засегнати страни, рече Марковска. Проектот за сфалтирање на паркинг просторот кај детската градинка „23 Август“ како што истакна градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски ќе се реализира со средства од буџетот на општината.