Енергетска ефикасност на јавни објекти, реконструкција и изведба на нова патна инфраструктура и подготовка на техничка документација за рехабилитација и изградба на нова патна инфраструктура во општините Струга, Охрид, Дебрца, Вевчани и Кичево се трите клучни проекти, што изминатава година ги реализираше Југозападниот плански регион во вредност од 26 милиони денари.

Во рамки на проектот за енергетски ефикасни јавни објекти беа реконструирани детските градинки „Пеперутка“ во Струга и „Развигорче“ во Охрид, објектот на заедницата во Волино и општинската зграда во Кичево.

Со реконструкцијата, детската градинка Пеперутка, како што информира Стојан Ставески од Југозападниот плански регион, доби нова столарија, извршена е термичка изолација на таваните, поставена е нова електрична инсталација со штедливи светилки и набавена е опрема од висока енергетска класа за кујна и перална. За овие зафати инвестирани се 2,6 милиони денари.

-Преку проектот за реконструкција и изведба на нова патна мрежа, извршена е рехабилитација на локалниот пат во Баланци, општина Центар Жупа, со должина од еден километар и на сервисната улица „Партизанска“ во Македонски Брод во должина 682 метри, појасни Савески.

Во Охрид, во централното градско јадро, додаде Савевски, изградена е нова пешачка патека во должина од 325 метри, од Саат кулата до основното училиште „Свети Климент Охридски“, со што е подобрена туристичката инфраструктура во стариот дел на градот. Вредноста на трите извршените зафати е 11,2 милиони денари.

-Подготвена е техничка документација, односно изработени се основни проекти за реконструкција на постојни градски улици и локални патишта во Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и Кичево. Изготвената документација ќе овозможи општините да ја подобрат локалната патна инфраструктура во должина од 18 километри и да ги реши и другите комунални проблеми, како што е изведбата на нова канализациска и атмосферска мрежа. Вкупната вредност на изготвената техничка документација е 3,4 милиони денари, рече Савески.

Преку програмите на Министерство за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, согласно поднесените проекти на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, во деветте општини од овој дел на Македонија, ќе бидат инвестирани околу 39,5 милиони денари. Советот за развој на регионот донесе одлука овие средства да бидат наменети за продолжување на активностите за подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти со кои располагаат општините, подобрување на патната инфраструктура, преку реконструкција на повеќе сообраќајници, како и подготовка на основни проекти за развивање на патната мрежа во Регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2018 18:34