Во организација на Општина Велес и и турската заедница во градот, денеска во Ликовниот салон во Велес од 13 часот ќе се одржи свечена академија по повод наставата на турски јазик во Македонија, а ќе биде откриен и споменик на Мустафа Кемал Ататурк.

Настанот, на кој ќе присуствува амбасадорката на Турција во Македонија Тилин Еркал Кара, ќе биде збогатен со културно-уметничка програма на која ќе настапат уметници од турската заедница во Велес.

По завршувањето на свечената академија, во Паркот на пријателството, кој се наоѓа до Ликовниот салон, ќе биде откриен споменикот на Ататурк, таткото на модерна Турција. Споменикот е излиен во бронза и е висок три метри.

Споменикот со урбаната опрема и со турска чешма во вредност од 50 илјади евра беше донација од збратимените општини Каршијака и Адалар од Турција, каде живеат голем број Турци со потекло од Велешко.

Паркот на пријателството посветен на збратимувањето на Велес со двете турски општини, Каршијака и Адалар, беше отворен на 1 ноември 2013 година. Поради извесни несогласувања за негово поставување, споменикот оттогаш беше сместен во просториите на Противпожарниот дом во Велес.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2018 16:53