Лица со инвалидитет, даватели на услуги и семејства на корисници денеска во Ресен разговараа со претставници на невладиниот сектор, Агенцијата за вработување и градоначалници за предизвиците со кои се соочуваат во рамките на проектот „Општо корисна работа“.

Општина Ресен, како што истакна градоначалникот Живко Гошаревски, од 2015 година е дел од програмата за општокорисна работа преку воспоставување локални сервисни услуги за лица со посебни потреби – лица со телесен инвалидитет и комбинирани пречки.

Во оваа општина, додаде, ангажирани се осум даватели на услуги од кои двајца се образовни асистенти и опфатени се околу 55 корисници од различна возраст.

-Програмата општо корисна работа опфаќа две многу важни целни групи невработени лица и корисници на социјални услуги. Невработените лица преку нивно ангажирање на определено скратено работно време и стекнување одредени вештини постепено се вклучуваат на пазарот на трудот, а со обезбедедување услуги од социјална сфера им се помага на лицата кои живеат во нашата општина, нагласи Гошаревски.

Тој информира дека општина Ресен потпишала договор со Агенцијата за вработување и програмата за развој на Обединетите нации за импелемтација на активности каде УНДП обезбедува поддршка во рамките на проектот „Креирање можности за работа на сите“.

-Станува збор за иницијатива за воспоставување заеднички сервис на министерствата за здравство и за труд и социјална политика за грижа во домашни услови во општина Ресен со цел обезбедување здравствени услуги во домовите на нашите граѓани, рече Гошаревски.

Според претседателот на здружението „Мобилност“ од Битола Нико Јанков, зголемен е трендот и кај корисниците и кај давателите на услуги и во средината, но треба да се работи уште.

-Ќе се трудиме на давателите на услуги да им биде решен статусот, да може да се вработат со постигнатите вештини и искуството, а корисниците на услуги да се осамостојат и стекнат доверба дека општеството се грижи за нив и она што неможе семејството да им го даде го добиваат преку општината, рече Јанков.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2018 17:23