Со презентации на дел од активностите реализирани оваа година, синоќа во Охрид се одржа свечениот дел од Годишната манифестација на Македонската алпинистичка федерација.

Притоа беа презентирани меѓународните акции реализирани на Алпите и тоа во Словенија, Франција и Италија, акцијата на Пакленица во Хрватска, како и дел од активностите на локалниот Алпинистички клуб „Патагонија“ од Охрид, конкретно реновирањето на планинската куќа „Галичица“ и учеството во реализацијата на проектот за развој на Планинска спасителна служба во Охридскот регион.

На свеченоста беа доделени признанијата „Јован Ангелов – Циго“ на најуспешните алпинисти – членови на Македонската аплинистичка федерација. Алпинистичкиот клуб „Матка“ од Скопје беше прогласен за најуспешен алпинистички клуб, Зоран Мајсторски за најуспешен алпинист, Надир Мурсели и Зоран Мајсторски добија признанија за најуспешна алпинистичка наврска, а додека Тадеј Циривири, Матеј Мајсторски и Стефан Ристов се прогласени за најуспешни млади алпинисти.

-Алпинистичкиот клуб „Матка“ од Скопје веќе подолго време работи на зголемување на алпинистичката активност и втемелување на вистинските алпинистички вредности. Тоа го реализира преку успешни активности на клупско ниво во домашните локалитети и локалитетите во странство. Голема гордост на клубот претставува и обемното членство што постојано расте, се развива и созрева следејќи ги примерите на постарите алпинисти, изјави претседателот на АК „Матка“, Илија Циривири.

Алпинистичкиот викенд во Охрид предвидува и неколку активности на терен со предвидени искачувања на кулоарите на Галичица.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2018 17:25