ЈЗУ Здравствен дом – Струмица, како донација доби возило за домашна нега од Министерството за здравство и граѓанското здружение „Сано“.
Како што информираат од ресорното министерство, станува збор за донација на возило кое ќе биде употребено за домашна нега на хронично болни пациенти и лица од социјален ризик, на населени места каде што нема матични лекари.
Донацијата ја предаде министерот за здравство, Венко Филипче, и истакна дека на овој начин се зајакнуваат капацитетите на мобилните тимови за домашна посета кои ќе го зголемат спектарот на здравствените услуги во руралните средини.
„Во овој период, хронично болните лица имаат најголема потреба за редовни посети и прегледи од здравствени работници. Токму поради тоа, во населените места каде што нема матичен лекар оваа здравствена услуга на хронично болните пациенти и лицата од социјален ризик ќе им се врши во домашни услови“, потенцираше Филипче.
Директорката на ЈЗУ Здравствен дом – Струмица, Љубица Митева, се заблагодари за донацијата, која, како што рече, за оваа болница е донирана во вистинско време.
„Во овие празнични и зимски денови кога интензитетот на бараните услуги во конзумот кој го покрива ЈЗУ Здравствен дом – Струмица е зголемен, со задоволство можам да констатирам и убедена сум дека медицинските тимови (тимовите од патронажната служба) ќе бидат навреме присутни секаде каде ќе се потребни“, изјави директорката Митева.
Од Министерството за здравство додаваат дека ЈЗУ Здравствен дом – Струмица покрива голем конзум на корисници во повеќе од 75 населени места.