Во рамки на хуманитарната акција „Твоето малку е некому многу“, женскиот младински хор при МКЦ – Скопје под раководство на Сашо Татарчевски, вечер во Битола ќе одржи концерт насловен “JazzToVoice“.

На програмата се џез аранжмани за женски хор а капела и женски хор придружуван од пијано. Како гостин на концертот учествува битолчанецот Иван Трајковски на пијано.

Според маестро Татарчевски, аранжманите за познатите џез стандарди кои ќе бидат изведени се направени од најдобрите светски аранжери за овој тип на музика. На програмата се следните наслови “The nearness of you”, “Isn`t it romantic”, “Charade”, “Skylark”, “Stormy weather”, “As time goes by”, “Mona Lisa”, “Love is here to stay”, “Autumn leaves”, “All the things you are” и “Bim-bom” од композиторски имиња како Џорџ Гершвин, Џероум Керн, Ричард Роџерс, Хенри Мансини, Џеј Ливингстон и други.

Женскиот младински хор при МКЦ е нашиот нај наградуван хорски ансамбл и е гордост на Младинскиот културен центар од Скопје веќе четириесет и шест години. Само во последните три години хорот се закити со високи награди на интернационални хорски натпревари во Романија, Полска и Словачка, освојувајќи 5 први места, шест специјални награди и еднаГран при титула.

Концертот е во битолското кафе „Порта Џез“ и ќе почне во 21 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2018 11:46