Штипското комунално претпријатие „Исар“ за наредната година ќе има инвестиции пред се во водовод и канализација, најави директорот, Живко Тасев. Вкупната Програма на претпријатието изнесува 250 милиони денари.

- Поголеми активности, коишто ќе ги имаме се нова водоводна линија во населба „Балканска“, тоа се двата крака и продолжуваме до кракор до село Чардаклија. Исто така, имаме и реконструкции на водоводна и канализациска линија во населбите „Дузлак“ и на булаврот „Гоце Делчев“, потоа на улиците „Коле Неделков“, „Личка“, „Сутјеска“. Поголеми инвестиции ќе изнесуваат околу 24 милиони денари, од кои дел од средствата се обезбедуваат и од буџетот на општината, вели Тасев.

За нови машини и возила за комунална хигиена во Програмата се предвидени 17 милиони денари. Тасев истакна дека за изградба на водоводна линија два, која ќе обезбеди подобро водоснабдување за бањата Кежовица, неколку населби во градот и за индустриските зони се чека на средствата од турската компанија ТАВ, која требаше да го изгради Карго аеродромот. Изградбата на оваа линија треба да чини над еден милион евра и е една од капиталните инвестиции, што треба да го одреди и правецот на развојот на градот Штип.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2018 13:02