Асоцијацијата на даватели на комунални услуги ќе организира обуки за новиот Правилник за безбедна и квалитетна вода за пиење согласно ЕУ стандардите. Асоцијацијата на даватели на комунални услуги (АДКОМ) заедно со Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и Институтот за јавно здравје ќе организира обуки кои ќе им помогнат на јавните комунални претпријатија полесно да го имплементираат новиот Правилник за безбедна и квалитетна вода за пиење согласно ЕУ стандардите.

Целта на новиот Правилник што го донесе АХВ е обезбедување безбедна и чиста вода за пиење.

-Водата за пиење треба да ги исполнува барањата за квалитет во однос на микробиолошките и хемиските параметри, резидуи од пестициди, индикаторски задолжителни параметри и индикаторски дополнителни параметри и тоа: на местото на потрошувачката на водата за пиење во случај на вода од дистрибутивната мрежа, за водата што се доставува од цистерна, на местото каде што излегува од цистерната, за водата што се полни во шишиња или во садови наменети за продажба на местото каде што водата се полни во шишиња или во садови и водата што се користи во објектот за производство на храна, на местото на кое што водата се користи во објектот. Дезинфекција на водите за пиење се врши со примена на физички и хемиски средства, со чие дејство се обезбедува водата за пиење да не содржи бактериолошки и биолошки материи штетни по здравјето на луѓето над дозволените граници. Постојана дезинфекција на водата за пиење се врши во сите објекти за водоснабдување, наведува АДКОМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2018 16:35