Во општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше традиционално почнаа да пристигнуваат печалбарите кои живеат и работат во западноевропските земји.

За разлика од летниот период кога масовноста е поголема, бидејќи доаѓаат и до 15 илјади, според најавите од нивните здруженија сега се очекува да пристигнат околу четири илјади.

Во родниот крај главно пристигнуваат со автобуски превоз, а помал број од нив со сопствени автомобили. Помасовно нивно доаѓање се очекува следните два дена.

-Со семејството пристигнавме вчера, со автомобил. Денеска треба да пристигне и братот со семејството и нашите родители.Тие патуваат со автобус, за што деновиве се бара билет повеќе. Убаво е секаде, но дома си е дома, па секогаш пред нова година и во лето доаѓаме во родниот крај, рече Фљорим Горенца кој повеќе од дваесет години е во Италија.

Нашинците се, главно, од Италија, Германија и Швајцарија, а во родниот крај остануваат до крајот на првата недела од јануари кога повторно заминуваат во нивните втори татковини.

Нивното присуство ја зголеми фреквенцијата на луѓе и на возила, како и прометот во трговските дуќани. По традиција ќе има по некоја домашна веселба, пред се, свршувачки и договори за свадби за летниот период.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/12/2018 02:12