Вработените на ЈП „Национален парк Галичица“ од Охрид денеска одржаа протестен предупредувачки собир, во знак на негодување на објавената информација за назначување наворешно лице за нов директор на институцијата.

Номче Новески, член на Управниот одбор, во име на сите вработени во Националниот парк појасни дека се работи за одлука на Владата со која не се согласуваат вработенита, за која уште сметаат дека ќе наштети на функционирањето на институцијата, во крајна линија и на активностите што се во тек за подигнување на нивото на заштита на паркот со негово прогласување за заштитетно подрачје од втора категорија.

-Бараме да се преиспита одлуката за која разбравме преку медиумите, да се смени в.д. директорот на паркот кој за изминатите 14 месеци колку што ја врши функцијата го донесе паркот на чекор да стане вистински европски парк, односно да го оствари она што и државата треба да го прави, да се намали притисокот врз природата од искористувањето на природните богатства, рече Новески.

Тој предупреди дека доколку не се послушаат нивните забелешки и се продолжи со постапката за назначување нов директор на установата, прво ќе ги искористат сите правни можности за утврдување на законитоста на таквата одлука, а потоа и други форми на несогласување.

-Нелогично е да смени човек кој за кусо време обезбеди она што државата досега не го направила, кој успеа да ги покрие трошоците и да го подигне нивото на заштитата на паркот. Сметаме дека е спротивно на интересите на Паркот да се менува раководителот кој со негова лична способност обезбеди средства институцијата несметано да работи следните десет години, рече Новески.

Вработените во НП „Галичица“ уште стравуваат дека какви било промени во менаџирањето со паркот во овој миг може да ги доведе во прашање реализацијата на одредени проекти за заштита на Националниот парк, за кои се обезбедени средства од странски донатори. Посочен беше пример кога поради слични кадровски промени друг национален парк остана без милионски средства обезбедени преку странски донации.

Некои медиуми веќе објавија дека со одлука на Владата на РМ на местото на в.д. директорот Андон Бојаџи е назначен дипломираниот правник Васко Паскали.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/12/2018 12:29