Од денеска официјално започнува пријавувањето за учество на третото издание на Атлетската манифестација „Охрид трчаТ“, што треба да се одржи на 2 јуни следната година. Вљубениците во трчањето, луѓето со позитивен дух и енергија, сите спортисти и рекреативци своето учество можат да го пријават исклучиво онлајн на интернет-страницата Ohridtrcat.mk.
Заинтересираните за учество на Атлетскиот викенд, „Охрид трчаТ“ ќе можат да се пријават на трките од пет и десет километри или тим-билдинг трката на пет и десет километри. Стартниот пакет за трката на пет километри и тим-билдинг трката на пет километри до 31 јануари изнесува 400 денари, до 31 март чини 500 денари, а до 26 мај кога е последен ден за пријавување е 600 денари. Стартниот пакет на трката на десет километри и тим-билдинг трката на која учествуваат најдобрите атлетичари од нашата земја и многу атлетичари ширум светот ќе чини 700, 800 односно 900 денари според датумите од трката на пет километри. За најдобрите во трката на десет километри предвидени се парични средства и награди од спонзорите што се објавени на официјалната страница.
Третото издание на „Охрид трчаТ“ ќе се одржи со одредени измени во агендата на активностите во рамки на настанот. ПОвторно ќе се одржат трките на различностите, на средните училишта и Детската трка, додека Ноќната трка ќе се одржува на 31 мај, два дена пред главниот настан.