Во организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и општина Струмица, денеска пред спортски клубови и спортисти од градот беше презентиран ваучерскиот систем за поддршка на спортот за идната 2019 година.
Станува збор за шест милиони евра кои Владата ги има обезбедено за таа намена за поддршка на спортските федерации, спортски клубови и индивидуални спортисти.
Како што кажа Даниел Димески, советник за спорт на премиерот, овој систем ќе овозможи производство на домашни квалитетни спортисти.
– Се работи за шест милиони евра кои директно ќе се впумпаат во македонскиот спорт преку федерациите, клубовите и индивидуалните спортисти. Струмица како исклучителен спортски град ќе има бенефит од сето тоа. Мислам дека ваучерскиот систем е една одлична база за развојот на спортот конкретно насочен кон „производство“ на домашни квалитетни спортисти што беше досега занемарено, рече Димески.
Тој заедно со Сашко Поповеки од МОК ги презентираа критериумите за распределба на државните средства, но и како да аплицираат клубовите за државната поддршка.
Според најавите клубовите и спортистите ќе може да аплицираат преку федерациите за што има посебни формулари од први јануари идната година.