Земјоделско производство во изобилство, житарки, бостан, градинарски култури, овошки и лози, неасфалтирани улици полни со кал, две дуќанчиња, една амбуланта која не е во функција и испустено школо со само дваесетина ученици.

Без канализација (и во 2018 година), но од лани, по две и кусур децении, со водовод.

Овие контрасти веднаш ќе ви паднат во очи ако го посетите светиниколското село Мустафино, оддалечено 100 километри од Скопје.

На надморска висина од 150 метри, селото денес брои околу 500 жители, претежно возрасни, и 170 куќи од кои повеќето празни. Во речиси секој двор зад куќата има бунар што, според домаќините, е вид карактеристика за Мустафино.

-Името на селото е поврзано со петвековното турско ропство. Тогаш тука имало турска фамилија со повеќе браќа од кои едниот се викал Мустафа бег. Неговиот чифлик всушност бил на местото на сегашново Мустафино. Имало и уште пет други турски семејства. Мустафа бег живеел во Штип, а неговите момоци овде.

Се грижеле за земјиштето кое било влажно и главно се користело за пасишта. Турците тука чувале овци, но по извесно време полека почнало да доаѓа и македонско население. Тоа им пркосело на Турците, било во постојан конфликт со нив. Но, Мустафа бег излегол фер. По труската револуција, пред да замине, на оние Македонци што помагале на чифликот им поделил имоти и им дал тапии за сопственост. Тапиите денес може да се најдат во некои од нашите архиви, раскажува Сузана Димитриевска, жител на селото.

Според неа, преданието зборува дека браќа на Мустафа бег биле Ерџел бег, Амзи бег и Кадри бег по кои, исто така, се наречени некои од околните села.

Во времето на социјализмот, голем дел од луѓето, сопственици на тапии, се откажале од земјиштето и го дале во владение на земјоделските задруги. Но, некои Мустафинчани веќе си ја повратиле земјата.

Денес, секој стопан има по околу пет декари земјиште. Напред е куќата, а позади дворот со бунар. Во дворот е градината. Се произведува многу, но традиција за продажба на произведеното нема.

-Скоро секоја куќа има бунар и пет декари плац, освен ако во меѓувреме синот не направил куќа па површината е поделена. Сите главно живеат од земјоделство. Најмногу се произведува луцерка, потоа сончоглед, пченка и житарки, а од лани, по многу години, бостанот (лубеници, дињи) стана повторно актуелен. Некои од жителите почнаа да размислуваат и за производство на домати. Но, кај нас ништо од произведеното не се продава. Ако имаш роднини во Мустафино, ќе дојдеш и ќе си го наполниш возилото со пипер, пченка, бостан, истакнува Димитриевска.

Сепак, напуштањето на земјоделството како да станува тренд, па се повеќе луѓе си одат од Мустафино и се вработуваат по фирми во околината, во Штип и Свети Николе. Сметаат дека заработката од производството е мала.

Селото овие денови изгледа како тажна, мрачна приказна. Не само поради облачното, смуртено и дождливо време, туку и поради фактот што улиците се речиси празни, а детското игралиште зјае. Џагор нема. Се слуша само лавеж на по некое кутре. Ама и тоа некако млако.

-Улиците ќе се асфалтираат кога ќе се стави канализација. Ветеринар немаме, ако ни треба, повикуваме од Свети Николе. Во основното школо „Даме Груев“ порано имало две смени, во една по 100 деца и во него живееле учителите. Сега е реновирано и опремено со помош на Светска банка, но во него учат само 20-ина деца вкупно. Имаме и три цркви, една поголема „Свети Спас“, и две помали, „Свети Илија“ и „Богородица“. Селото го празнува „Спасовден“, само се организира. Собираме пари, ни помага и Општина Свети Николе. Ги славиме и „Богородица“ на 28 август, како и „Илинден“, вели Димитриевска.

Таа е сепак голем ентузијаст. Смета дека Мустафино има голем потенцијал за равој на рурален туризам. Нејзиниот дуќан стана „сред село“. Му го зема приматот на школото кое порано било центар на збуднувањата.

-Освен преданието со името на селото, приказна имаме и за црквите. Најголемата, „Свети Спас“ која датира по 1945 година, е изградена на иницијатива на некоја млада жена која имала визии. На местото најпрво имало само гумно со камен во вид на крст каде доаѓале луѓето кога имале проблем. Дел од каменот може да се види и денес. На тоа место е всушност подигната црквата. Во изградбата многу помагале и соседите. Местото станало свето. Слична е приказната и со „Свети Илија“, но тука привидение имал некој маж. Тој сам го финансирал градењето на црквичето. Значи, производство имаме, имаме и приказни, доволно за развивање рурален туризам, вели Димитриевска.

Со новиот автопат, од Мустафино до Скопје се стигнува за половина час. Но, по посетата, и покрај слаткото од дуњи, компотот и мармаладот на Сузе, останува горчливиот вкус од констатацијата – колку и во 21-ви век некои региони на Македонија се запуштени.

Мирјана Чакарова



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2018 16:39