Пред новогодишните празници, лицата со попреченост од дебарскиот Центар, денеска добија подароци, донација од бизнисменот Наим Опре.
Опре, кој се занимава со продажба на конфекција, за лицата кои престојуваат во центарот обезбеди зимска облека, јакни, ракавици и шалови, како и други подароци.
На донацијата, на која вистински се израдуваа примателите на хуманиот гест се заблагодари директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Крешник Пачуку.
-Му благодариме на донаторот Наим Опре кој редовно пред новогодшните празници го посетува Дневнот центар и лицата кои тука престојуваат и ги дарува со разни подароци, на кои тие искрено се радуваат. И овие лица заслужуваат соодветно внимание, а тоа не ретко го потврдуваат повеќе бизнисмени од Дебар, како и нашинците кои живеат и работат во САД, вели Пачуку.
Во Дневниот центар за лица со попреченост, кој функционира десет години, престојуваат девет лица.
Пачуку и при оваа прилика упати апел до сите родители кои имаат деца со попреченост да ги донесат во центарот, кој располага со идеални услови за престој и потребен кадар. Тука, додава тој, го развиваат другарството, креативните способности и потенцијалите за себеизразување, со еден збор тие се социјализираат.