Министерството за здравство и Пивара-Скопје во ЈЗУ Клиничка болница-Битола отворија „Роса школо за родителство“ за едукација и обука на идни родители.
Станува збор за проект на Пивара Скопје во партнерство со Министерство за здравство кој е резултат од кампањата преку која беше издвоен по 1 денар од секое продадено шише вода „Роса“ од 1,5 л за оваа намена.
Школите за родителство имаат за цел да спроведат обуки со примена на современи техники и со детално осмислена содржина, стручно водење и однапред утврдени распоред и динамика. Понудените содржини во школите за родителство нудат соодветни одговори за потребите и дилемите на идните родители, како и корисни совети и практични вештини во врска со здравата бременост и родителството.
Од Пивара Скопје истакнаа дека со Роса школото во Битола се заокружува проектот за 2018 година, и најавија продолжување во текот на следната година, со цел да им помогнат и да ги поддржат идните родители и новороденчиња ширум државата. Стручниот тим кој ќе работи во Роса школото е обезбеден од страна на Министерството за здравство и е составен од доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, педијатрија, медицински и патронажни сестри.
-Сигурни сме дека Клиничката болница во Битола одговорно и стручно ќе се справи со предизвикот да го води ова школо и ќе ги охрабри идните родители за успешно родителство и ќе придонесе за безбедна бременост, како и балансиран начин на живот и после породувањетои во периодот на правилна нега и исхрана на детето, истакна Владимир Милошев, државен секретар во Министерство за здравство.
Обуките се бесплатни и ќе бидат организирани во 5 тематски целини, а трудниците и сите заинтересирани идни родители и членови на нивните семејства ќе можат да се пријавуваат директно во Клиничката болница во Битола, беше посочено на промотивниот настан во овој град.