Советот на општина Велес на својата последна 25-та седница даде зелено светло, општината со средства од буџетот за 2019 со 5.468.057 денари да учествува во значајниот проект „Водоснабдување во Индустриската зона Мамутчево“, што во најголем дел со 9.663.076 денари ги обезбеди Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа.
Како што појаснуваат од Советот на Општината, нивната одлука била донесена со цел комплетирање на документацијата за реализација на овој проект, а воедно појаснуваат дека учеството на Општината во овој проект е пракса при спроведување на оваа Програма.
-Проектот е од високо значење за локалниот економски развој на општина Велес што ќе значи подобрување на условите за инвестирање во Индустриската зона во Мамутчево, потенцираат од Општина Велес.
Проектот треба да се реализира до крајот на 2019 година, а Општина Велес ќе го имплементира во соработка со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.